Малата словенечка колонија во Еурофарм Пелистер добива уште еден нов член. Дресот на шампионот на Македонија ќе го носи левиот бек на словенечката репрезентација, Ник Хенигман, кој во Битола доаѓа од францускиот Шарт.
29-годишниот Хенигман (201цм) потпиша договор на една сезона, со опција за уште една ако двете страни бидат согласни.
Се работи за искусен лев бек, кој во кариерата играше за словенечката Рибница, унгарскиот ПИК Сегед и француските клубови Сен Рафаел и Шарт.
За словенечката репрезентација има околу сто натпревари и претставува еден од клучните елементи во системот на сите селектори, вклучувајќи го и актуелниот, a најголем успех му е бронзата од Светското првенство во Франција во 2017 година.
Тој ќе биде третиот Словенец во шампионскиот тим на Еурофарм Пелистер по Домен Тајник и Нејц Цехте. Пред Хенигман, битолчани се засилија со Бразилецот Рудолф Хекберт, Полјакот Анжеј Видомски, Египќанецот Ибрахим Калед Валис и Мирче Калајџиески.