Тренерот замина откако со клубот „се согласија дека не се согласуваат“

Норвешкиот клуб Ларвик остана без тренер откако раководството и Арне Сенстад се договорија да ја прекинат соработката.

Сенстад, кој истовремено е селектор на Полска која ја елиминира Македонија во баражот за СП 2025, заминува година дена пред истекот на договорот со Ларвик, а веста ја потврди претседателот на клубот, Геир Антон Хага, за норвешката телевизија ТВ2.

„Многу сме задоволни од спортскиот напредок, но имавме различни визии за тоа како клубот треба да се развива понатаму. Работевме долго на тоа, но не најдовме заедничко решение. Се согласивме дека е најдобро да се разделиме сега. Тоа не е лесна одлука, но мораме да се обединиме и да продолжиме напред“, вели Хага.

Сенстад беше назначен за тренер во летото 2023 година и имаше договор до 2025 година.  Под негово водство, Ларвик забележа значителен напредок и оваа сезона освои трето место во првенството, најдобар пласман од 2018 година.

Сепак, клубот се соочи со сериозни финансиски предизвици. Ларвик не успеа да го продолжи договорот со искусната Хајди Локе, која ја одби понудата поради значително намалена плата.

„Време е да се живее според реалните можности“ – изјави тогаш Хага, коментирајќи го напуштањето на Локе.

Според информации на ТВ 2, токму несогласувањата во врска со насоката во која треба да се движи клубот биле причината за разделбата со Сенстад.

Сенстад одби да ја коментира ситуацијата, а од Ларвик најавија дека ќе започнат потрага по нов тренер.