Селекцијата на Хрватска обезбеди место во главната рунда на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.
Денеска со домаќинот Шведска ќе се борат за првото место во групата и пренос на два бода во ТОП 12, а Хрватите очекуваат многу од десниот бек Иван Мартиновиќ.
Десниот бек ја импресионираше тамошната јавност со лидерските капацитети кои ги покажа како капитен на тимот, а во низата пофалби се приклучи и актуелниот тренер на Вардар, Иван Чупиќ.
„Играв заедно со Мартиновиќ и приватно го познавам, знам за каков играч и за каков човек санува збор. Отсекогаш сум велел дека е екстра напаѓач и екстра човек. Може да даде десетина голови против било кој тим во светот. Против Грузија немаше свој ден, но не може секогаш да има добар ден. Отсекогаш сум го гледал како Кирил Лазаров во Македонија, тој е играч кој од ништо може да ви даде десетина гола и кој секогаш може да ви донесе нешто во нападот кога не му оди на тимот и кога изгледаат работите тешко. Има „нос“ за гол и тоа му е најголема предност. Беспредметно е да расправаме дали Мартиновиќ му е потребен на тимот на секој натпревар, јас лично мислам дека оваа Хрватска има доста капацитет, но играч како него секогаш му овозможува на тимот да дише полесно“, изјави Чупиќ за „Индекс“.
Хрватите претходно ги совладаа Грузија и Холандија, но во главната рунда ги очекуваат дуели со Исланд, Унгарија, Словенија и Швајцарија.
























