Босанската ракометна јавност е во шок по трагичната вест дека почина Емир Караџа, тренерот и поранешен репрезентативец на Босна и Херцеговина, кој со години беше симбол на посветеност и љубов кон ракометот во МРК Искра Бугojно.
Несреќата се случила по саботниот натпревар во Зеница против РК Челик, во рамките на Првата лига на Федерацијата на БиХ. Според информациите од клубот, Караџа бил видно вознемирен по спорното судење на натпреварот, па заедно со делегатот и официјални лица заминал во близок ресторан да ја напише официјалната жалба.
Како што наведуваат од клубот, натпреварот започнал во коректна атмосфера, но на полувремето дошло до вербален инцидент со домашните навивачи, а потоа и до неколку спорни одлуки на судискиот пар Бркиќ–Зуко.
„Имавме три црвени картони, од кои најмалку два беа престроги. Судискиот критериум беше нерамномерен и направи голема штета на тимот,“ стои во соопштението на клубот од Бугojно.
По натпреварот, Караџа и делегацијата на Искра се упатиле во ресторан во близина на салата, каде тренерот почнал да ја пишува жалбата за неправилностите во судењето. Според сведоците, Караџа бил видно лут, но смирен, и изјавил дека не сака да создава дополнителни проблеми меѓу клубовите.
Додека тој ја подготвувал жалбата, во ресторанот пристигнале судиите од натпреварот. Дошле до масата каде седел Караџа, кој ги замолил да го остават на мир и да разговараат подоцна, бидејќи е премногу вознемирен. Но, како што пренесуваат од клубот, судиите останале во локалот, што дополнително ја зголемило тензијата.
Неколку минути подоцна, надвор од ресторанот, на Караџа му се слошило. Итната помош пристигнала брзо, а лекарите се обиделе да го реанимираат и веднаш го префрлиле во болницата во Зеница – но, за жал, срцето на овој голем човек престанало да чука.
Од МРК Искра апелираа до Ракометниот сојуз на БиХ и Сојузот на судии конечно да воведат ред и фер третман кон сите клубови. „До кога ќе ги гледате нашите жалби со затворени очи?“, се прашуваат од клубот.