Тренер од Вардар заминува – ќе му биде помошник на Вујовиќ во Катар

Прославениот Веселин Вујовиќ повторно ќе биде селектор, овојпат на репрезентацијата на Катар, а со себе ќе поведе и еден тренер од Вардар. Во среда треба да биде промоцијата на стручниот штаб на Катар, каде покрај Веселин Вујовиќ ќе биде и тренерот на голманите во Вардар, Црногорецот Александар Рогановиќ.

Рогановиќ беше дел од Вардар последниве три сезони, а дојде заедно со Вујовиќ, а остана во клубот и откако тренерот си замина. Ги тренираше Борко Ристовски, Мартин Томовски, Васил Гогов, Ал Сафар, Марко Богдановски кои тогаш беа меѓу стативите во Вардар.

Понудата што Рогановиќ ја добил од Катар била особено примамлива, а бидејќи Вујовиќ си прави нов стручен штаб околу себе ги зема луѓето со кои соработувал во минатото. Уште двајца тренери ќе бидат дел од стручниот штаб на Катар, по препорака на Веселин Вујовиќ.

Катар ќе игра на СП 2025 година, и е во група заедно со репрезентациите на Франција, Австрја и Кувајт. Првите три продолжуваат во главната фаза, а Катар се надева на тоа.

Во својата кариера Веселин Вујовиќ бил тренер на десетина екипи: Металопластика, Партизан, Сиудад Реал, Вардар, Ал Шабаб, Загреб, Копер, Железничар, Борац Бања Лука, Сепахан, Нексе. Бил селектор на репрезентациите на Србија И Црна Гора, на Македонија, на Словенија и на Иран. Последниот селекторски успех му беше со Иран кога ја мина групната фаза на СП 2023 година во Краков. Тогаш му нудеа се, само да остане, но тој си замина.