„Трансферот на Валах во Вардар е фантастика за полскиот ракомет“

Главниот тренер на Висла Плоцк, Хавиер Сабате, остро го критикуваше актуелното правило во полското ракометно првенство, според кое на теренот мора да има најмалку двајца полски ракометари на секој меч.

Полската федерација воведе правило за задолжително присуство на двајца домашни играчи во текот на натпреварот, со цел развој на домашните ракометари. Но, според многумина, резултатите на репрезентацијата не го оправдуваат тој пристап.

„Според мене, ова правило во Полска е целосен неуспех. Не донесе никаква корист и треба што поскоро да се укине. Полска нема подобри резултати ниту на Светски ниту на Европски првенства. Имам чувство дека одиме само надолу“, изјави тренерот на Плоцк за „Handball World“.

Како позитивен пример го посочи шведскиот модел, но и го посочи трансферот на голманот Валах од Келце во Вардар како добар потег.

„Во Шведска играчите остануваат две-три сезони во домашната лига, па заминуваат во странство и се развиваат во врвни клубови. Тоа правило не постои таму, а сепак репрезентацијата им е врвна. На пример, заминувањето на Валах во Вардар е денес фантастика за полскиот ракомет. Играчите мора да имаат шанса да се развиваат и како спортисти и како луѓе. Тоа вклучува искуство од странски лиги и култури“, заврши Сабате.

Поради ова правило Висла Плоцк мораше да се ослободи од дел од странските ракометари, па така го раскина договорот со Тим Цокан, кој се пресели во словенечкиот тим Слован Љубљана.