- Репрезентативецот на Шведска, Линус Персон, на лето ќе ја смени клупската средина и од ГОГ ќе се пресели во Португалија, поточно во Порто, клуб кој е предводен од неговиот сонародник Магнус Андерсон. Искусниот десен бек ја игра втората сезона во ГОГ, а пред да го облече дресот на данскиот вицепрвак, пет сезони играше во францускиот шампионат – две во Иври и три во Нант. Тој во 2022 со Шведска го освои златото на ЕП.
- Српскиот шампион Војводина ќе може да смета и во следната сезона на Бразилецот Жоао Педро Да Силва. Клубот од Нови Сад на лето го очекуваат големи промени, но раководството успеа да ја продолжи соработката со средниот бек, кој во тимот на Србија пристигна од Динамо Букурешт.
- Бундеслигашот Фленсбург веќе започна да ги прави плановите за сезоната 2025/26 и го договори првото засилување за споменатата сезона. Станува збор за членот на Скјерн, Емил Берхолт, кој во Бундес лигата ќе го има своето прво интернационално искуство. Данецот настапува на позицијата кружен напаѓач, а со Скјерн има стекнато европско искуство преку настапите во Лигата на Европа и Лигата на шампионите.
- Поранешниот учесник од Русија во Лигата на шампионите, ЦСКА Москва, објави дека е продолжена соработката со Антонина Санталова. Десниот бек потекнува од школата на Динамо, а пред да се пресели во московската екипа, играше за Кубан Краснодар. Со репрезентацијата на Русија има сребрен медал од Олимписките игри во Токио и од Европското првенство (2018).




