Трајкоски: Во Прилеп не чека еден од најтешките натпревари во регуларниот дел

Се разгорува битката за плеј-офот во Супер машката лига, а ракометарите на Бутел Скопје се сериозен кандидат за место во ТОП 6.

Избраниците на Горан Кузманоски ги очекува тешко гостување кај Прилеп, а голманот Благојче Трајкоски кој брани во одлична форма, ќе игра против екипата од родниот град.

„Ни претстои еден од најтешките натпревари во овој регуларен дел од Супер лигата. Екипата на Прилеп е еден сериозен и квалитетен противник и еден од кандидатите за местата кои водат во плеј-офот. Имаат одлични играчи, но дефинитивно Димитар Димитриоски е прва „виолина“ во Прилеп, игра на секоја можна позиција…меѓутоа тука имаат и добар пивот, средниот бек Кастратовиќ и квалитетни голмани“, вели Трајкоски.

Тој е задоволен од досегашните резултати со Бутел Скопје, каде ја одработува првата сезона.

„Задоволен сум од досегашните резултати на Бутел Скопје и се надевам дека ќе ја оствариме целта да играме во плеј-офот, затоа што начинот на кој момците тренираат и се посветени заслужуваат да бидеме дел од него“, заврши Трајкоски.

Натпреварот меѓу Прилеп и Бутел Скопје ќе се игра во салата „Ристе Ристески Ричко“ со почеток во 18:30 часот.