Трајкоски: Македонскиот концепт со млади играчи и без преплатени странци ме донесоа во Бутел

Најголемото засилување за Бутел Скопје ќе биде чуварот на мрежата Благојче Трајкоски, кој по три сезони во Автокоманда се пресели во амбициозниот суперлигаш.

Трајкоски, кој во својата кариера бранеше за Прилеп, Радовиш, Куманово, Охрид, Струмица, Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, сега ќе го чува голот на клубот предводен од Горан Кузманоски.

По три сезони во Автокоманда, Трајкоски ги сподели очекувањата од новиот предизвик.

„Нова средина и нов почеток за мене со млада и полетна екипа. Пресудно за да ја прифатам понудата на Бутел Скопје беше македонскиот концепт што го има клубот, без многу странски преплатени играчи. Јас сум тука за да помогнам со своето искуство што досега го имам стекнато. Заедно со голманот Стојаноски го „расипуваме“ просекот на години, инаку ќе бевме уште помлада екипа, но мора да имате во клубот и такви играчи“, вели низ смеа Трајкоски.

Тој вели дека ги интересираат само добри резултати во претстојната сезона.

„Ги знам повеќето ракометари, има доста квалитетни млади момци, се надевам дека добро ќе се воиграме пред стартот на сезоната. Ништо друго не не интересира освен добри резултати“, заврши искусниот прилепчанец.

Бутел утре игра против Раднички Крагуеваец, в четврток е средбата против Тиквеш, додека в сабота ќе игра и натпревар за пласман на турнирот во Струга.