Трајкоски блескаше, Бутел врза четири победи – совладан и Еурофарм Пелистер 2

Ракометарите на Бутел Скопје по европската елиминација врзаа четири победи во Супер лигата, откако славеа и против Еурофарм Пелистер 2 со 36-29. Победникот беше решен уште во финишот на првиот дел, а во второто полувреме момците на Кузманоски умешно го надградија тоа што го градеа во првите триесетина минути. Лидер во триумфот беше голманот Трајкоски кој имаше дури 15 одбрани.

Во првите десетина минути беше 5-5, но потоа домаќинот предводен од искусниот голман Трајкоски започна да ја гради предноста. Токму Трајкоски со погодок донесе највисоки плус пет, 16-11.

Домаќинот во финишот на полувремето остана без столбот на одбраната, Тео Тодески, кој доби директен црвен картон по стартот над Ненад Белистојаноски. На паузата Бутел имаше водство од 20-15.

Во отсуството на францускиот десен бек Онифред, стратегот Зарков немаше многу опции на бековската линија, па иако голманот Фехми имаше добра партија, сепак нападот на битолчани беше тој што затаи.

Бутел во вториот дел одработи рутински без особени проблеми го задржа високото водство и во ниту еден момент не му дозволи на ривалот да се понадева на камбек и да се бори за нешто повеќе на овој дуел.

Најдобри стрелци во составот на Бутел Скопје беа Николов со 11 гола и Субашевски со осум, додека кај битолчани голманот Фехми имаше 12 одбрани, а меѓу стрелците најдобри беа Азиз со 11 гола и Маркоски со пет погодоци. Во следното коло Бутел Скопје ќе го пречека составот на Пролет, додека Еурофарм Пелистер 2 ќе игра против Тиквеш во Битола.