Ракометарите на Прилеп во последното коло од регуларниот дел од суперлигашката конкуренција за ривал го имаат Еурофарм Пелистер.
Прилепчани без притисок ќе настапат против актуелниот бранител на титулата, бидејќи за нив овој дуел нема никакво резултатско значење.
Избраниците на Божидар Мојсов во вториот дел од сезоната ќе играат во плеј-аут фазата и на утрешниот дуел ќе се обидат да повеќе поконкурентни против битолчани.
Кружниот напаѓач на Прилеп, Томче Трајчевски, ги истакна своите очекувања за натпреварот со пелистерци и како главен фактор за необезбедениот плеј-оф ја истакна кратката клупа на својот тим.
,,За овој дуел најважно е да ги испочитуваме задачите дадени од тренерот и да имаме што е можно помал број на технички грешки, доколку сакаме да им парираме на гостите и да се покажеме во добро светло. После добриот почеток на сезоната, сите очекувавме подобар пласман, за кој што се боревме, но сепак намалената ротација поради повредите кои што ни се случија во текот на сезоната немавме можност да се претставиме во најдобро издание како што и почнавме”, изјави Трајчевски.
Младиот ракометар, кој на повеќето натпревари не настапи поради повреда, изјави дека е задоволен од неговата прикажана игра на одиграните дуели.
,,Во нова средина секогаш е потешко, како и наметнувањето во тимот и си оглед на тоа што имав потешка повреда, задоволен сум од одиграното, но мора многу подобро. За натпреварот со Еурофарм Пелистер ги повикувам навивачите да дојдат и да ни дадат поддршка,, а ние ќе се потрудиме да прикажеме квалитетен натпревар. Поддршката од навивачите е секогаш мотив за подобра игра”, заврши Трајчевски.
Натпреварот меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер ќе се одигра денес со почеток од 19:00 часот во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“. Влезот за сите љубители е слободен.