Генералниот секретар на Ракометниот Сојуз на Босна и Херцеговина, Недим Арнаутовиќ, им упати писмо на членовите на УО и ги извести дека од денеска се затвора канцеларијата на РСБИХ.
Иако постоеја знаци дека ракометот во оваа држава оди во нагорна линија, сепак очигледно е дека се уште e во тотален колапс.
Вработените во престојниот период ќе работат од дома, бидејќи ген. секретар одлучи да ги поштеди од дополнителни трошоци како превоз и дневни потреби, бидејќи не им тече ниту работен стаж, а одамна немаат земено плата.
Пред неколку дена во просториите на РСБИХ имало и извршител кој дошол да „наплати“ долг кон Здравствениот дом Бања Лука и да заплени дел од имотот. Поради неплаќање, сојузот на крајот на месецот ќе остане и без пристап до системот преку кој се врши лиценцирање клубови и играчи за домашните и европските натпреварувања.
„Ќе ја одработиме мартовската акција со репрезентацијата, обезбедивме средства за тоа, но не знам дали ќе бидеме во состојба и натаму да функционираме. Вработените веројатно ќе бидат приморани да си побараат нови работи што ќе им обезбедат егзистенција“, изјави Арнаутовиќ за „Клик“.
Неодамна РСБИХ му го исплати огромниот долг на поранешниот селектор Ивица Обрван, имаше најави дека државата ќе обезбеди помош, но тоа засега не се случи, па очигледно дека босанскиот ракомет ќе тоне уште подлабоко.