Ракометарите на Вардар останаа во игра за шампионската титула, откако пред својата публика славеа над вечниот ривал, тимот на Еурофарм Пелистер, со четири гола разлика, 24:20.
Сега разликата меѓу нив е само два бода на табелата во корист на битолскиот тим. Избраниците на Владо Недановки сега мораат да победат до крај, но и да чекаат кикс на битолчани на некој од следните натпревари.
Еден од најзаслужните за освоената победа беше голманот Мартин Томовски, кој дербито го заврши со 12 одбрани.
,,Најважна е победата, како што и кажувам секогаш, тимот кога игра заедно сплотено ќе го изеди поединецот, иако не сметам дека јас денес бев поединецот, можеби тоа беше во некои моменти, но целиот тим беше тука кога најмногу ни требаше, им честитам и на Еурофарм Пелистер, беше еден тврд натпревар, со една силна одбрана, без респект, но мислам дека ние повеќе ја посакувавме оваа победа. Среќни сме што победивме, така нека остане, нема откажување до крај, тоа го носиме во себе, без разлика каков ќе биде епилогот на крајот на завршетокот од лигата”, изјави Томовски.
Вардарци во следното, 9. коло од плеј-оф фазата за ривал го има тимот на Пролет, додека Еурофарм Пелистер на свој терен ќе го пречека Бутел Скопје.
Вардар во игра за титулата – го победи Еурофарм Пелистер, ама ќе мора да чека и кикс на битолчани