Македонија загуби очекувано со 34-22 во првото коло од селекцијата на Данска, иако имаше кратки добри интервали во играта.
Голманот Мартин Томовски бранеше само во првото полувреме и успеа да запише четири интервенции.
„Знаевме дека Данска е најдобра, ние излеговме на терен и дадовме максимум. Техничките грешки на стартот не чинеа скапо, а тим како Данска знаеше тоа да го казни. Мислам дека овој меч може многу да ни помогне, да анализираме и да направиме добра подготовка за следниот меч со Португалците. Мора да ги поправиме грешките, да се консолидираме во одбраната и да атакуваме на позитивен резултат. Верувам дека ќе имаме поинаков меч, иако и Португалците играат брзо и тие имаат слабости. Добро ги анализиравме. Овој меч беше само увертира и патоказ како не треба, мораме да коригираме грешки и да одиме на се или ништо против Португалија“, изјави Томовси.
Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Португалија в недела од 18:00 часот.

























