Македонската машка репрезентација денеска ќе го има последниот тренинг пред заминувањето за Швајцарија, каде ќе одигра три контролни натпревари.
Оттаму директно се патува за Данска, па ракометарите ќе имаат можност да се аклиматизираат пред стартот на ЕП.
Голманот Мартин Томовски кој брани во одлична форма во германскиот Битигхајм, ги сподели очекувањата од континенталниот собир.
„Добро се познаваме, иако има некои новитети. Долги години сум во репрезентацијата, имаме одлична атмосфера, секогаш сум добредојден. Имав мала поштеда, добро ми дојде, се приклучив во новата година здрав пред се и со големи амбиции и голема мотивација. Мое мислење е дека многу е подобро и поубаво времето да го искористиме на пријателски натпревари, бидејќи таму може да видиме вистински што правиме добро, а што грешиме. Тоа ќе биде одлична увертира за нас и селекторот да видиме до каде сме. Се надевам на добар подготвителен турнир, да останеме здрави и тоа искуство да го пренесеме на ЕП. Данска е апсолутен фаворит, Португалија е селекција во подем, тука е и Романија која е зрел и искусен тим, иако е подмладен. Секој натпревар ќе биде од посебен карактер, ама нашата цел е да дадеме максимум, да се подготвиме комплетно на 100%. Нема да остане ништо друго, освен да го дадеме максимумот и се надевам на позитивен резултат“, изјави Томовски.
Македонија покрај трите дуели од 8 до 10 јануари во Винтертур против Бахреин, Украина и Швајцарија, ќе тестира и против данскиот прволигаш Митјиланд на 13 јануари, а ЕП го отвора со натпревар против Данска на 16 јануари.


























