Македонската репрезентација во среда ја очекува првиот натпревар против Чешка во двомечот од баражот за пласман на Светското првенство.
Голманот на македонската репрезентација Мартин Томовски истакна дека нашиот табор веќе има јасна слика за тоа со каков противник ќе се соочиме.
„Иако времето е прекратко, сепак секојдневно, два пати во денот анализираме и влегуваме полека во делот каде што треба да го сработиме тоа што сме се договориле. Видео анализите ни дадоа една јасна и конкретна слика за Чешка, но се разбира дека ќе биде тешко. Мора да одиграме таму еден перфектен натпревар, а подоцна да мислиме и за вториот дуел. Чешка е квалитетна репрезентација, одигра одлично Европско првенство, до крај се бореа и со Шведска и со Шпанија. Станува збор за одлична екипа и ќе имаме еден сериозен противник“.
Томовски не очекува патникот на СП да биде решен во еден натпревар, подеднакво важни се и двата дуели.
„Ова се два натпревари, 120 минути, не може еден натпревар да го реши патникот на Светското првенство, најважно е да се пласираме. Тоа е и нашата цел“, изјави Томовски.
По натпреварот во среда Македонија во недела ќе ја пречека Чешка во реваншот од овој двомеч. Ќе потсетиме, билетите за тој натпревар во Скопје веќе се распродадени.