Новиот амбициозен проект во женската лига Металург Автокоманда се распука како балон од сапуница, и е исклучен од натамошното натпреварување во Супер женската лига, согласно одлуката на Првостепената дисциплинска комисија на РФМ.
Според одлуката, Металург Автокоманда службено го губи натпреварот против ЖРК Вардар со 10-0 и му се одзема еден бод од бодовното салдо. Покрај тоа, клубот е казнет и со парична казна од 60.000 денари.
Во одлуката е наведено и дека одговорното лице во клубот нема право да пријави нов клуб и да врши дејност во ракометниот спорт во период од 3 години. Оваа мерка, според комисијата, се однесува и на сите младински категории на клубот.
Во образложението стои дека на предвидениот натпревар од 15. коло во Супер женската лига, меѓу Металург Автокоманда и Вардар, домашната екипа не доставила термин и натпреварот не бил одигран. Поради тоа, комисијата донела одлука за службен пораз со 10-0 и одземање на бод, повикувајќи се на Член 13 став 1 од пропозициите на Супер и Прва женска лига за сезоната 2025/26, како и на член 8 од Дисциплинскиот правилник на РФМ.
Со оваа одлука, Металург Автокоманда официјално е отстранет од понатамошниот тек на натпреварувањето во сезоната, а истото се однесува и за нејзините малдински екипи.
Клубот има право на жалба во рок од 8 дена пред второстепениот орган, преку органот што ја донел првостепената одлука.
























