Германскиот Мелсунген најави значајна промена во својата трансфер политика. По долг период во кој клубот беше препознатлив по ангажман на звучни и скапи засилувања, раководството сега најавува поумерен и одржлив пристап.
Во изминатите месеци, Мелсунген беше поврзуван со неколку звучни имиња, меѓу кои и шпанскиот репрезентативец Даниел Душебаев, кој ова лето заминува од Келце. Сепак, членот на управата Андреас Мор категорично ги демантираше тие шпекулации.
„Душебаев не е опција за нас“, изјави Мор во интервју за „Handball-world“, додавајќи дека клубот повеќе нема намера да влегува во скапи наддавања со конкурентите.
Мелсунген беше поврзуван и со хрватскиот репрезентативец Филип Главаш од Загреб, но и тој трансфер пропадна, со оглед на тоа што играчот доби подобра финансиска понуда од хрватскиот првак.
„Ако друг клуб понуди повеќе, ние нема да одиме чекор понатаму. Ова е новиот Мелсунген“, порача Мор, јасно ставајќи до знаење дека клубот ја менува својата долгорочна стратегија со фокус на финансиска стабилност.
Тимот на Роберто Гарсија Парондо ги има во ростерот Даинис Криштопанс, Небојша Симиќ, Давид Мандиќ, Ерик Баленсијага, Алешандре Калваканти…но се чини дека во иднина трансфери на играчи од овој калибар тешко дека ќе бидат возможни.
























