Тимот на Тиквеш од Кавадарци го реши тренерското прашање за наредната сезона во која ќе влезе со уште поголеми амбиции. На клупата на кавадаречкиот тим седнува прославениот тренер од Босна и Херцеговина, Драган Марковиќ-Марка, кој се обврза на договор на две сезони.
Марковиќ ќе го наследи на клупата Раде Стојановиќ, кој се пресели во Словенија и ќе го води Тримо Требње.
Прославениот босански тренер минатата сезона беше предводник на српскиот Динамо Панчево, со кој успеа да оствари добри резултати, а беше дел и од Струшкиот турнир.
Марковиќ има богата тренерска кариера, особено во Германија, каде ги водеше тимовите на Вилштат, Вецлар, Касел и Халвер, работеше во Босна Сарајево и Борац Бања Лука, како и полскиот Азоти Пулави.
Пет години беше селектор на сениорската репрезентација на Босна и Херцеговина, која ја однесе на СП 2015 година во Катар.
Кавадарчани сосема извесно ќе го засилуваат ростерот, откако останаа без голманот Јанко Гемаљевиќ и пивотот Никола Стефановиќ. Како дел од подготовките, Тиквеш ќе настапи на Струшкиот турнир во август и ќе има силни проверки, пред евентуалниот настап во Европскиот Куп, за каде е побарана вајлд-карта.