Tиквеш пружи отпор, но не освои бодови

Тимот на Кире Лазаров славеше на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци со 27-24 и го потврди третото место на табелата во суперлигашкиот плеј-оф. На делба на првото место се Вардар и Еурофарм Пелистер со 17 бодови, додека „сино-белите“ имаат 11 бодови на третото место.

Гостите од Автокоманда отворија со водство, 5-2, но домашните во продолжение успеаја да се вратат во игра и израмнија на 11-11. Кога требаше да направат комплетен пресврт, се случи голем пад на концетрацијата.

Галевски бранеше добро, кавадарчани не постигнаа погодок цели 11 минути, а за тоа време гостите ги казнија сите домашни грешки и отидоа на пауза со голема залиха од шест погодоци.

Во вториот дел, тимот на Лазаров имаше и плус осум во повеќе наврати, но упорните момци на Грчевски намалија на три гола во финишот. Сепак немаше време за нешто повеќе и мечот заврши со победа на гостите.

Најдобрите стрелци во победничката екипа беа Мартин Серафимов со шест и Франциско Силва со пет гола, додека кај Тиквеш се истакна Игор Кривокапиќ со шест погодоци. Во следното коло кавадарчани го пречекуваат Вардар, а тимот од Автокоманда игра дома со Еурофарм Пелистер.