Тимот на Тиквеш загуби убедливо на гостувањето кај турскиот првак Бешикташ со 31-20 во првиот меч од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп и многу веројатно ќе се прости од Европа за оваа сезона.
Кавадарчани водеа со 2-1 по три минути игра и тука застанаа. До крајот на полувремето постигнаа само уште еден гол! Хрватскиот голман Матеј Ашанин покажа зошто своевремено Лино Червар го сметаше за еден од најдобрите млади голмани.
Ниту еден шут на кавадарчани не минуваше кај Ашанин, кој имаше дури 70% успешност на одбранети удари во првото полувреме. За тоа време неговите соиграчи го полнеа голот на Тиквеш и на паузата беше 16-13.
Вториот дел беше само рутинско одработување на задачата на домаќинот. Кавадарчани малку го поправија впечатокот, но разликата ниту еднаш не се спушти под десет погодоци во корист на Бешикташ.
Сетоа ова го прави реваншот следната сабота во Кавадарци само формалност, а Тиквеш потоа ќе може да се посвети исклучиво на домашните обврски и дуелите од Супер машката лига.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ханиоглу со осум и Бабачан со пет погодоци, а голманот Ашанин имаше 12 интервенции. Кај Тиквеш крилата Коцев со пет и Христоски со четири гола беа најдобри стрелци.