Амбициозниот Тиквеш во продолжение од сезоната ќе има нов стратег со кој ќе ги бие битките во суперлигашкиот плеј-оф и ќе бара повторно место на европската сцена, а тоа ќе биде Радослав Стојановиќ, актуелниот селектор на младинската репрезентација на Македонија.
Според информациите на 24Ракомет, клубот и еден од најдобрите млади тренери се договорени, па Стојановиќ ќе ги започне подготовките со екипата по празниците за пролетната полусезона.
Стојановиќ доаѓа на местото на Никола Матлиески, кој со Тиквеш се раздели спогодбено и двете страни решија да замине секој на своја страна. Матлиески го презема кормилото на Тиквеш минатата сезона и го однесе во Европскиот Куп.
Кавадарчани оваа сезона ја стартуваа убедливо, но потоа следуваше елиминација од австрискиот Кремс од Европскиот Куп, а во финишот на регуларниот дел од Супер лигата следуваа порази од Охрид и од македонскиот вицепрвак.
Стојановиќ по подолго време му се враќа на клупскиот ракомет, откако претходно три сезони го водеше составот на Охрид. Претходно работеше во младинските категории на Металург, а може да се пофали со успех со кадетската репрезентација на Македонија откако ова лето го освои деветтото место на СП.
Тиквеш ќе пренесе еден бод во разигрувањето за титулата напролет, но разликата е само два бода со лидерите на табелата. Напролет не очекуваат неизвесни и интересни натпревари до самиот крај, а кавадарчани покажаа дека може да им парираат на сите екипи. Клубот од градот на виното обезбеди место и во групната фаза од Купот на Македонија.
Што се однесува до играчкиот кадар, од Тиквеш замина левиот бек Ангелче Органџиев, кој немаше голема минутажа во натпреварите од есенскиот дел од Супер лигата и го засили составот на Прилеп.