Ракометарите на Тиквеш по поразот од Пролет на гостински терен, потклекнаа и во Кавадарци и беа поразени од „сино-белите“ од Автокоманда со 24-22. По првиот дел се чинеше дека гостинскиот тим ќе запише лесна победа, но упорните кавадарчани во второто полувреме го направија мечот интересен и успеаја да намалат на минус еден. Имаа шанси и за реми, промашуваа седмерци, а подароците од тимот од Автокоманда не беа искористени и гостите на крајот си заминаа со два бода.
Гостите отворија со водство од 4-0 по пет минути игра, па Кристијан Грчевски мораше да реагира со тајм-аут. Неговите момци постигнаа два гол по ред, но и „сино-белите“ ги казнија промашувањата на Коцев и Мијушковиќ за 7-2.
Менуваше домашниот стратег во поставата на теренот, но немаше многу фајде. Велков го замени Печурица на голот, но нивните соиграчи во нападот немаа многу решенија, а и голманот Галевски беше солиден.
Капитенот на тимот од Автокоманда, Ѓорѓиев, погоди за 14-9, пред Карасманакис да биде исклучен, но Ахмед не го реализираше последниот удар и момците на Кирил Лазаров имаа безбедни пет гола залиха на паузата.
Средниот бек Цветковски ја размрда играта на кавадарчани, освои и неколку топки, изнуди пенали и Тиквеш се доближи на само гол негатива, иако не реализира два удари од седум метри, 17-16.
Имаа два напади за реми домаќините, но не успеаја да погодат, а Лазаров кога виде дека ниту на неговите момци им затаи нападот, повика тајм-аут. Велковски беше прецизен за плус два 18-16, кога остануваа петнаесетина минути до крајот.
Мијушковиќ погоди статива, па казната стигна на спротивната страна и гостите одново имаа плус три 21-18, а на пет минути до последниот свиреж беше 23-20. Немаше сила, ни идеја во домашниот напад и тимот од Автокоманда ја задржа предноста до крајот за два бода од Кавадарци.
По четири гола кај Тиквеш дадоа Манасков, Коцев и Цветковски, додека Дамјан Митев беше предводник на „сино-белите“ со шест гола со поддршка од Галевски кој запиша десет интервенции.