Тиквеш беше сигурен на свој терен, славеше над Пролет

Екипата на Тиквеш на свој терен оствари важна победа над Пролет од 23:19 и со новите два бода се задржа на 6. позиција во Супер лигата.

Кавадарчани, исто како и Пролет, се во борба за пласман во плеј-оф фазата и секој бод за нив до крајот од регуларниот дел од првенството ќе биде од големо значење.

Гостинот од Скопје иако добро отвори и до средината на првиот дел водеше, сепак, по нерешените 5:5 дојде до пад во играта на Пролет, па така домашниот тим со четири гола, два од нив на Обина и еден на Коцев и Атанасовски, се одлепи на 9:5.

Серијата од 5:0 на Тиквеш беше прекината во 20-та минута со голот на младинскиот репрезентативец Андреј Стојановски, кој со својот прв гол намали на 9:6. До крајот на полувремето резултатската „нишалка“ беше три до пет разлика за составот на Грчевски, а по 30 минути игра беше 14:10 за домаќинот.

По серијата грешки на двете страни на стартот на вториот дел, гостинот во 35 минута го ,,скрши мразот” и преку искусниот Палевски намали на 14:11. Домаќините шест минути никако не можеа да го пронајдат патот до мрежата на гостинот, резултатот во 40 минута беше 15:13 за домашниот табор.

Откако Пролет се закани во неколку наврати, следуваше консолидирање во редовите на Тиквеш, кој во 47 минута имаше солидни плус четири, 18:14. До крајот на натпреварот немаше поголема промена на теренот, домаќинот успешно ја одржуваше стекнатата предност за 6-ти триумф во новата сезона.

Аби Обина со шест гола беше најефикасен во победничката екипа, по пет имаа Евгениј Темелкоски и Игор Кривокапиќ. Кај Пролет се истакнаа Давор Палевски и Мохамед Бакар, двајцата имаа по четири реализации.