Селекцијата на Австрија е најголемото изненадување на Европското првенство во Германија. Ја победи Романија, ремизираше со Хрватска, ја елиминираше Шпанија од турнирот, а во главната рунда славеше против Унгарија и беше пред победа со домаќиннот.
Сепак на крајот Германците успеаја да стигнат до реми, но и со еден бод Австријците беа задоволни и ја продолжија серијата без пораз.
„Бевме подобри, но загубивме бод. Меѓутоа против Германци, пред 20.000 нивни навивачи, капа доле за момците. Неверојатно. Искрено, немам зборови, можам само да им честитам“, вели селекторот Алеш Пајовиќ.
Капитенот Никола Билик е свесен дека Австрија беше на чекор до ново чудо.
„Не можам ништо друго да кажам, освен дека пишуваме историја на австрискиот ракомет. За жал, не победивме, но среќни сме и со бод“, кажа Билик.
Еден од најискусните во репрезентацијата, Роберт Вебер вели дека бајката продолжува.
„Дојдовме до точка дури и да бидеме малку разочарани со реми против Германците во Германија. Водевме, можевме да го затвориме мечот порано, но потоа грешевме. Но и натаму се сме непоразени, бајката продолжува, неверојатно и лудо“, вели Вебер.
За Австрија остануваат пресметките со Франција и Исланд, на кои ќе се бараат победи за место во полуфиналето на ЕП.