Лоши вести за Барселона пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите. Капитенот Дика Мем ќе отсуствува најмалку три недели поради повреда на мускулот на левата нога.
Францускиот десен бек е еден од клучните играчи и лидер на тимот, па неговото отсуство доаѓа во најнезгоден момент – токму пред првиот натпревар во Лигата на шампионите против данскиот ГОГ, кој ќе се игра денеска во „Палау Блауграна“.
Отсуството на Мем е голем удар за тренерот Карлос Ортега, кој останува без главна опција и во напад и во одбрана. Медицинскиот тим е претпазлив и враќањето на капитенот пред Светското клупско првенство изгледа малку веројатно, што значи дека Мем нема да игра во Египет.
Како позитивна вест за каталонците, тимот повторно ќе смета на Јонатан Карлсбогард и Петар Чикуша, кои се враќаат по повреди. Но јасно е дека без својот капитен Барса ќе мора брзо да најде нови решенија за да го одржи статусот на врвна европска сила.