Светскиот шампион Данска немаше големи проблеми на патот до финалето на Мундијалот во кое ќе се соочи со селекцијата на Хрватска.
Данска беше на тронот во 2019, 2021, 2023 и сега ќе има шанса да испише историја со четврта светска круна по ред.
Селекторот Николај Јакобсен ја води репрезентациајта од 2017 година, има бројни успеси, но зад тоа се крие мрачна страна на неговата личност. Тој е познат по испадите на бес.
„Мочате и серете на теренот. Не играте ништо од тоа што се договоривме“, често знаеше да „урла“ Јакобсен по играчите, но сега тоа е сменето, пишува ТВ2.
На натпреварот против Чешка од група имало спротивна ситуација.
„Натпреварот против Чешка во групата не започна добро за Данска, па селекторот повика тајм-аут. Сите очекуваа силен бес кон играчите, но се случи нешто сосема спротивно. Тој остана тие десет секунди и смирено им објасни на играчите како да продолжат да играат. Бесен е, но работи на својот темперамент“, се вели во статијата на ТВ2.
Јакобсен вели дека работи на себе.
„Темпераментот е дел од мене на кој работам некое време. Претходно бев многу директен. Се уште можам да бидам таков, но се трудам максимално сега да го избегнувам тоа. Се тренирам себеси, со помош на психологот Ања, која седи на клупата на секој натпревар“, вели Јакобсен.
„Работам на тоа да не бидам толку директен со секој од играчите. Но, понекогаш само треба да ги исфрлите вашите фрустрации за повторно да најдете мир. Понекогаш звучи полошо отколку што е, затоа што има вревата во салата. Имаш 15.000 луѓе, музика и ди-џеј. Мора малку да го повишите гласот за да ве слушнат играчите. Ме прашуваат зошто сум секогаш лут, но всушност сум добро расположен 98% од времето. Овие 2 проценти се издвојуваат и често се преувеличуваат“, објасни Јакобсен.
Факт е дека новите генерации играчи не го прифаќаат така лесно построгиот тип на водење и не им помага кога некој ќе им се дере. Но, Јакобсен вели дека викањето понекогаш му помогнало да ги разбуди играчите како фантастичниот Микел Хансен, кога не биле доволно фокусирани.
„Сакам само тимот да биде најдобар што може“, на крајот заклучи Јакобсен.
Финалето меѓу Данска и Хрватска се игра утре во „Унити Арена“ од 18:00 часот.