Телевиса пресента: ЕХФ жестоко им одговори на Хрватите и Сигурдсон!

Европската ракометна федерација објави соопштение по жестоките критики упатени од селекторот на хрватската репрезентација Дагур Сигурдсон, кој јавно ги нападна организациските околности на ЕП 2026 за време на полуфиналната прес-конференција.

Од ЕХФ наведуваат дека ја примаат и ја признаваат критиката поврзана со распоредот на натпреварите, но истакнуваат дека истиот е дефиниран многу време пред почетокот на првенството, во договор меѓу организаторите и Федерацијата.

„Во процесот на носење одлуки се вклучени сите релевантни тела, вклучувајќи го и бордот кој ги претставува националните федерации. Распоредот им е познат на сите селекции по ждрепката за завршниот турнир, повеќе од шест месеци пред почетокот“, соопшти ЕХФ.

Федерацијата признава дека репрезентациите кои доаѓаат од Малме се наоѓаат во покомплицирана ситуација, но додава дека слични сценарија постоеле и на претходни шампионати.

„На минатите европски првенства екипите се соочувале со слични распореди, на пример на ЕП 2018 кое се одржа во Хрватска“, стои во соопштението.

Во врска со сместувањето на хрватската репрезентација во Силкеборг, од ЕХФ и организацискиот комитет истакнуваат дека досега добиле исклучиво позитивни реакции за хотелот.

„Силкеборг беше избран со цел да се обезбедат идентични услови за двата полуфиналисти кои ќе се сретнат меѓусебно – Германија и Хрватска. Хрватската делегација беше информирана за ова во средата навечер“, додаваат од ЕХФ.

Федерацијата потенцира дека подолгите патувања не се невообичаени на големи меѓународни турнири, наведувајќи пример од Светското првенство во 2025 година.

„На Светското првенство 2025, хрватската репрезентација беше сместена во Карловац, од каде патуваше до Загреб за своите натпревари“, наведуваат од ЕХФ.

Исто така, се нагласува дека распоред за прес-конференции за сите селекции е однапред објавен и споделен со сите учесници.

„Медиумските активности организирани од ЕХФ им се доставуваат на сите репрезентации навреме.“

На крајот, од Европската ракометна федерација најавуваат дека по завршувањето на шампионатот ќе следи детална анализа.

„По завршувањето на ЕП 2026, ЕХФ заедно со организаторите внимателно ќе ја евалуира организацијата на првенството и ќе ги извлече соодветните заклучоци.“