Текстилец со пресврт славеше против Аеродром

Штипски Текстилец стартуваше со победа во новата сезона од прволигашката конкуренција, откако славеше против Аеродром со 27-26.

Иако гостите тргнаа одлично и водеа со 11-5, сепак домаќините успеаја да ја преполоват негативата до паузата, 12-9.

Драмата почна во последните шест минути, кога штипјани израмнија, 22-22, а потоа гостите грешеа во серија и казната стигна.

Сарашов, Величков и Јованов погодија за 27-24 и ја обезбедија победата за Текстилец, а гостите во последната секунда го направија поразот минимален.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Величков со седум гола, додека Атанасовски и Џинес дадоа по шест. Во составот на Аеродром се истакна Божиновски со седум.