Текстилец броеше до 41, Рингов „меч-винер“ во драмата против Шампион

Тимот на Текстилец оствари убедлива победа на гостувањето кај Аеродром со 41-21 и се зацврсти на третата позиција во прволигашкиот плеј-аут.

Победникот беше решен уште во првиот дел, кога штипјани водеа со 19-9, а во второто полувреме само рутински ја одработија задачата.

Предводник на Текстилец беше Милисав Петров со десет гола, а по седум постигнаа Марјан Савев и Јован Атанасовски. Во домашниот тим се истакна Димитар Босилковски со шест погодоци.

Астраион славеше минимален триумф во драмата против Шампион со 24-23. Херој на струмичани беше Јордан Рингов, кој беше стрелец на победничкиот погодок во последните секунди.

Целиот натпревар мина во израмнета игра и борба, но на крајот повеќе нерви имаа домашните. Марко Стојанов со десет гола ја водеше струмичката екипа, додека кај Шампион се истакна Ненад Богоевски со шест погодоци.

На табелата убедливо прв е Партизан Гевгелија со 16 бода, а втор е Шампион со 11, додека Текстилец е трет со девет бодови.