Некогашниот шампион на Македонија, Борец, продолжува да биде ‘топовско месо’ во прволигашката конкуренција и се чини дека и во оваа сезона тешко ќе може да им парира на ривалите.
Откако во минатата сезона Борец не оствари ниту една победа, беше поразен на сите натпревари во регуларниот дел и во плеј-аут фазата, клубот од Велес денес во дуелот со Текстилец беше убедливо поразен со 38:14.
Екипата на Текстилец немаше многу проблеми за да дојде до посакуваните бодови, имаше неколку расположени играчи, кои беа доволни за убедлива победа и први бодови во новата натпреварувачка сезона.
Текстилец во победата над Борец беше предводен од Филип Славев со девет погодоци, два помалку постигна Дарио Јорданов. Кај Борец се истакнаа Стефан Богдановски, Душан Крстевски и Марио Ангелов со по три погодоци.