Татко му беше легенда – синот на Олафур Стефансон ќе игра во Бундес лигата

Исландскиот репрезентативец Ајнар Олафсон (23) е новото засилување на тимот на Хамбург и се очекува да биде клучна фигура во одбраната на германскиот тим во новата сезона на Бундес Лигата.

Тој е син на легендата на исландскиот ракомет Олафур Стефансон, но младиот ракометар вели дека не чувствува притисок поради славното презиме.

„Гледам повеќе позитивни отколку негативни страни од тоа што тој ми е татко“, изјави Олафсон.

Тој доаѓа од Фредериција (Данска), каде што настапуваше последните три сезони, и веќе ги импресионираше тренерите на Хамбург.

Во пријателски натпревар против поранешниот клуб (пораз 30:32), тој покажа дел од своите способности.

Пред трансферот, Ајнар побарал совет токму од својот татко, кој има богато искуство во Бундеслигата.

„Тој ми рече сè што треба да знам. Ми рече да се обидам – и го послушав,“ вели младиот Олафсон, кој е роден во Магдебург, кога неговиот татко настапуваше таму.

Иако признава дека нападот не му е силна страна поради стара повреда на рамото, неговиот удар сега е повторно „на 90 проценти“.

„Тој има шут, но ние го земавме за одбрана. Токму таму ни е најпотребен.“, вели тренерот Торстен Јансен.

Неговиот татко Олафур со Магдебург беше европски првак во 2002 година, а трипати беше европски шампион и со Сиудад Реал, во 2006, 2008 и 2009 година. Има настапувано на Исланд, во Германија, Шпанија и Данска. Има и сребро од ОИ 2008 година, а во 2010 година ја освои бронзата на ЕП во Австрија.

Беше дел од репрезентацијата на Исланд која токму во 2008 година беше елиминирана од Македонија во баражот за СП 2009 година.