Талески „пружи рака“ со Вардар – промоција пред Купот

Македонскиот ракомет добива значаен импулс ова лето – Филип Талески, еден од најталентираните леви бекови кои ги изваја македонскиот ракомет, се враќа во Вардар 1961. По две сезони во португалскиот гигант Бенфика, 29-годишниот играч одлучи повторно да настапува во македонскиот шампионат, во потрага по континуитет, поголема одговорност и враќање на старите ракометни навики.

Талески „пружил рака“ со Вардар исега остануваат детали пред потпишувањето н адоговорот. Официјалната промоција би требало да биде пред Ф4 турнирот во Охрид викендов. Покрај Вардар, силен интерес покажале и Охрид и неколку странски клубови, но Талески сепак ја одбрал опцијата што му нуди најголема спортска стабилност и шанса за натамошна афирмација – враќање во тимот каде веќе има освоено трофеи и играл значајна улога.

Филип Талески е производ на школата на Металург, од каде што многу рано замина во германскиот Рајн Некар Левен – еден од најсилните клубови во Бундеслигата. Таму го освои првото големо првенство во кариерата и стекна драгоцено интернационално искуство. По настапите и за Балинген, се врати во Македонија и токму со Вардар ги освои три шампионски титули и Куп на Македонија, демонстрирајќи зрелост и лидерски квалитети.

Иако преминот во Бенфика требаше да значи нов чекор напред, престојот во Лисабон не донесе очекуван успех. Талески не успеа да добие конзистентна минутажа, ниту да се наметне како стандарден првотимец. Тоа резултираше со желба за промена и враќање во средина каде што веќе има доверба и улога.

Одлуката да се врати во Вардар е стратегиски потег и за играчот и за клубот. За Талески, тоа значи шанса да го врати старото ниво, додека за Вардар ова е значајно засилување во пресрет на амбициозната следна сезона.

Интересно е што Талески не беше дел од репрезентацијата на Македонија на последните две големи натпреварувања. Но со нова сезона, добра форма и вистински ангажман, не е исклучено да добие нов повик и повторно да го облече националниот дрес – нешто што многу навивачи би го поздравиле.