Тајник: Ме бараше Слован, но останувам во Битола и следната сезона

Словенечкиот репрезентативец и член на Еурофарм Пелистер, Домен Тајник, во разговор за словенечкиот портал Екипа 24 зборуваше за квалификацискиот натпревар со Македонија во Скопје, како и за неговиот претстој во Еурофарм Пелистер.

Средниот бек, кој прикажа одлични партии во домашниот шампионат, како и во Лигата на шампионите, за споменатиот медиум откри дека на полусезона имал понуда од амбициозниот Слован Љубљана, тим кој е предводен од Урош Зорман.

Сепак, Тајник има договор на уште една сезона со македонскиот шампион, па така и во следната сезона ќе го носи „зелено-белиот“ дрес.

,,Откако во тимот дојде Раул Алонсо, работите се променија на подобро. Бев малку несреќен на почетокот на сезоната, но потоа се сменија нештата и мислам дека имавме задоволителна сезона, иако знаеме дека можевме да се покажеме во уште подобро светло. Знаеме дека новиот тренер не може да ги смени работите преку ноќ. Тимот се гради со долга и напорна работа, се надевам дека следната сезона ќе имаме поголеми успеси. Што се однесува до мојата кариера, имаше интерес за мене од Слован, каде работи нашиот селектор Урош Зорман, но клубот не ме пушти, бидејќи имам важечки договор со Еурофарм Пелистер и за следната сезона. Засега, останувам во Битола“, изјави Тајник.

24-годишниот ракометар во редовите на македонскиот шампион пристигна минатата сезона од Горење Велење.