До крајот на есенскиот дел од сезоната остануваат уште малку натпревари и тоа само во Групата Б од Супер машката лига така што в недела се очекува да биде спуштена завесата од еден шампионат преполн со прекини и одложени средби поради коронавирусот.
И додека во Групата А веќе е сè завршено и познато дека Охрид, Пролет и Струга ќе играат во плеј-офот, во Групата Б се знае дека Металург и Бутел Скопје се придружуваат на групата за битка за титулата каде во март ќе се приклучат и Вардар и Еурофарм Пелистер.
Останува непознато кој ќе биде третиот учесник од Групата Б и тимот кој ќе ја затвори плеј-оф групата. Неизвесноста останува меѓу три града и тоа Битола, Прилеп и Кавадарци. Дали Битола ќе го добие вториот учесник во плеј-офот или свој учесник ќе имаат Прилеп или Кавадарци.
Јасно е дека место ќе има само за еден, а она што е интересно во недела може да има две екипи со ист број бодови или дури три така што тука би можела да решава мини табела или едноставно да пресудуваат меѓусебните дуели.
Во момент кога се очекува в петок и в недела да бидат одиграни последните средби од Групата Б кои ќе решаваат за 3. позиција на табелата. Ситуацијата е таква што доколку две екипи финишираат со по 19 бода тогаш Еурофарм Пелистер секако ќе биде во таа комбинација бидејќи веќе има толку поени, но уште еден меч.
Тиквеш подобар од Еурофарм Пелистер поради повеќе голови во гости
Екипите на Еурофарм Пелистер 2 и ГРК Тиквеш своите меѓусебни дуели веќе ги одиграа. Интересно е тоа што и на двата меча победуваа гостите и тоа со по еден гол разлика.
Според Пропозициите за Супер машката лига во ваква ситуација правилото е јасно. Во случај екипите да имаат забележани победи со иста разлика, подобар е оној што има постигнто повеќе погодоци на гостински терен.
Тука ГРК Тиквеш добива предност поради тоа што во Битола постигна 30 гола, а Еурофарм Пелистер 2 при победата во Кавадарци имаше 27.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – ГРК ТИКВЕШ 29:30
ГРК ТИКВЕШ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 26:27
Кавадарчани подобри и од Прилеп
Иако оваа комбинација не би можела да се случи во трката за 3. место туку само за 4. позиција (нема никаква улога за плеј-офот, ниту носи привилегија во плеј-аутот), сепак, е добро да се знае особено поради тоа што овие резултати може да влезат во мини табелата.
И во оваа комбинација ГРК Тиквеш има предност во однос на својот ривал. Победи вчера во Прилеп со 36:30, а на домашен терен ремизираше со 25:25.
ПРИЛЕП – ГРК ТИКВЕШ 30:36
ГРК ТИКВЕШ – ПРИЛЕП 25:25
На Прилеп му треба плус четири за да биде пред битолчани
Од дуелот кој в недела ќе биде одигран во Прилеп можат да зависат многу работи, но доколку во последниот ден од оваа фаза екипите на Прилеп и Тиквеш влезат со по 16 поени.
Сосема јасно е дека тука на Прилеп му треба победа од четири гола разлика или од три во случај гостите да имаат максимум 24 гола. Прилеп би добил шанса доколку Тиквеш не освои шест бода во последните две средби. Тогаш со победа од четири разлика Прилеп добива предност пред Еурофарм Пелистер 2 и би одел во плеј-оф. Сепак, прво ќе има уште еден дуел.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – ПРИЛЕП 28:25
ПРИЛЕП – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 27 декември
Ако има мини табела, јасно е кој оди во плеј-оф
Во случај трите екипи да имаат по 19 поени веќе е јасно кој ќе оди понатаму односно кој си обезбедува пласман во плеј-офот.
Во таква ситуација тимот на ГРК Тиквеш би имал седум поени од дуелите со Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп. Тимот на Еурофарм Пелистер 2 би завршил со шест бода, додека Прилеп би имал четири.
Оттаму јасно е дека ГРК Тиквеш е во најдобра позиција, но за да се случи сето ова треба да се исполнат многу работи, односно прво прилепчани и кавадарчани да ги совладаат своите ривали, а дури потоа да може да се размислува за дуелите в недела.
Сепак, пред одигрување на средбите в петок може да се направи математика за тоа како ќе се одвиваат работите в недела односно кој ќе ги задржи шансите и која од комбинацииве ќе биде актуелна до крај.
На Еурофарм Пелистер 2 му треба бод за плеј-оф
За разлика од другите кандидати за последното плеј-оф место, тимот на Еурофарм Пелистер 2 има само уште еден натпревар. Се работи за средба против директен конкурент односно Прилеп.
Средбата се игра во салата Р. Р. Ричко во Прилеп каде што ќе има интересно пелагониско дерби. На Еурофарм Пелистер 2 му треба само еден поен за да биде сигурен и ниту една од горните комбинации веќе не се во игра. Победа за гостите или реми ја носи екипата на Еурофарм Пелистер 2 во плеј-оф.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – 19 БОДА, 11 НАТПРЕВАРИ
* На 27 декември гостува во Прилеп
Тешка задача в петок за ГРК Тиквеш
Шансите за тимот на ГРК Тиквеш за плеј-оф ќе одат на дуел преку тимот на Металург. Шанса за кавадарчани може да биде единствено ситуацијата на тимот од Автокоманда односно големиот број на натпревари во кратко време.
Тие вчера играа со тимот на Фиверс во Лигата на Европа, а денеска со Младост. Оттаму в петок ќе биде присутен и заморот, па тука може да дојде до убава шанса за екипата на ГРК Тиквеш за бодови, па в недела со Работнички да има надежи за успешен епилог.
ГРК ТИКВЕШ – 13 БОДА, 10 НАТПРЕВАРИ
* На 25 декември го пречекува Металург
* На 27 декември гостува кај Работнички
Прилепчани со најтежок распоред
Од тројката која уште има свои шанси за плеј-оф во најтешка позиција е составот на Прилеп кој ќе има тешко гостување в петок.
Прилеп ќе игра против Бутел Скопје и на овој натпревар само победа доаѓа како опција за да може да се задржат шансите за плеј-оф. Сепак, покрај тоа што в петок ќе играат против Бутел в недела претстои и пелагонискоро дерби така што ќе биде пеколно тешко до крајот на есенската полусезона.
ПРИЛЕП – 13 БОДА, 10 НАТПРЕВАРИ
* На 25 декември гостува кај составот на Бутел Скопје
* На 27 декември го пречекува Еурофарм Пелистер 2.