Своевремено играа за Вардар, Прилеп, Охрид, Струга…сега се заедно во Рудар Костолац

Новиот српски суперлигаш Рудар Костолац за тековната сезона ќе смета на петмина ракометари кои дел од кариерите градеа во Македонија.

Таму е голманот Милош Рајчиќ, кој своевремено ги бранеше боите на Прилеп и Еурофарм Пелистер, како и искусниот Александар Стојановиќ.

Некогашниот српски репрезентативен десен бек покрај настапите за Кадетен Шафхаузен, Целје, Партизан…играше и за Вардар и Металург.

Двата средни бекови, Петар Бугариновиќ и Јакша Вјештица, се со најсвежо искуство во македонската елита.

Вјештица пред две сезони настапуваше за тимовите на Радовиш и Охрид, додека Бугариновиќ беше дел од Струга, а минатата сезона ја заврши во Вардар Неготино пред да се врати во татковината.

Меѓу голманите на Рудар е и некогашниот кадетски и младински репрезентативец на Србија, како и член на Металург, Милош Вуковиќ.