Норвешка заедно со Данска и Исланд има кандидатура за организација на СП 2029 или 2031 година.
Тамошната јавност и ракометарите, односно ракометните работници, веќе го кренаа гласот против Саудиска Арабија, за која се верува дека сигурно ќе добие организација на еден од овие големи настани.
Норвешкиот репрезентативец Кристијан О’Саливен јавно излезе со став дека СП не треба да се игра во Саудиска Арабија.
„Тешко ми е да одговорам на политички прашања, но овие земји живеат по различни стандарди на кои не сме навикнати во Норвешка. Некои од работите за кои понекогаш слушаме навистина не се добри, па затоа одржувањето на големи натпревари на такви места веројатно е штетно за ракометот. Кога игравме со Магдебург на Супер Глоуб со локални тимови, атмосферата беше одлична, но на средбата против Барса трибините беа празни. Ракометот веројатно не е најпопуларниот спорт во Саудиска Арабија, иако условите беа прекрасни. Сепак, не видовме многу од градот и од државата, бидејќи игравме четири натпревари неделно. На спортски план сакаме трибините да бидат полни. Сепак подобро е овие прашања за организацијата да им ги поставите на други, а не на спортистите“, изјави бекот на Магдебург.
Покрај заедничката кандидатура на Норвешка, Данска и Исланд, како и Саудиска Арабија, Унгарија исто така поднесе апликација за организација на СП, плус заедничка кандидатура на Франција, Германија и Швајцарија.