Женската младинска репрезентација на Македонија по седум одиграни натпревари на Мундијалот заврши на 16 место. Меѓу најдобрите ракометарки во селекцијата на Дарко Јанев беше голманката Матеја Чурлиновска.
Чурлиновска иако беше долго на врвот на најуспешните голмани, го заврши настапот на СП на високото шесто место по бројот на одбрани. Таа успеа да собере 77 одбрани од 216 удари на противниците или успешност од 36%.
Во просек по натпревар македонската репрезентативна голманка имаше 11 одбрани и покажа дека пред неа е светла иднина.
Иако осум селекции имаат за играње уште по еден натпревар на СП, малку е веројатно дека некои од голманките што се под Чурлиновска на листата ќе може да ја престигнат. Разликата со првопласираната Веис е само седум одбрани.
По процентот на одбранените удари, 36%, Чурлиновска е на делба на 16 позиција со Вал од Шведска, Ваел Саед од Египет, Роса од Португалија и Сугимото од Јапонија. Но освен Португалката Роса, сите останати голманки што се наоѓаат погоре на листата имаат помалку удари упатени кон нив, некои дури двојно и тројно.
Кога се работи за удари од седум метри, Чурлиновска е во ТОП 3 голманки на СП, откако успеа да фати шест пенали од 14 што ги упатија противничките, односно 42,8% на успешност.
Прилепчанката успешно ги бранеше и ударите од шест метри на ривалките, па и во оваа категорија се најде во ТОП 5. Чурлиновска успеа да одбрани 8 удари од упатени 21 удар од шест метри, што беше доволно за 38% на успешност.
Во категоријата на одбранети удари со пробиви на шест метри, на високото второ место се наоѓа Вероника Ѓорѓиевска, која успеа да одбрани пет од осумте упатени удари од таква позиција на противничките ракометарки што е 62,5 успешност.
Заедно со Чурлиновска и Ѓорѓиевска, во ростерот на Македонија беше и Марија Јовановска, а сите три заедно имаа солиден процент на успешност, 34% и јасно е дека женската репрезентација на Македонија не треба да се грижи за голманската позиција.