По поразот од Исланд на крајот од групната фаза, Словенија се рехабилитираше со убедливата победа над Аргентина. Но таа остана во сенка на повредата на десниот бек Нејц Цехте.
Словенечката федерација објави дека членот на Еурофарм Пелистер има две скршени ребра, но дополнително ќе има и други прегледи за да се утврди природата на повредата и должината на паузата.
Неговите репрезентативни колеги беа шокирани од тоа што го гледаа, иако стартот навидум не беше така опасен.
„Тој не можеше ниту да дише, ниту пак да зборува. Затоа почнавме да ги повикуваме докторите панично“, изјави Влах.
Повредата на Цехте се случи уште во осмата минута, имаше прекин од десетина минути, но и покрај тоа Словенците успешно и рутински го довршија натпреварот.
„Тоа беше лоша глетка, Цехте не можеше да дише. Понекогаш е тешко да се концентрираш на ракометот, бидејќи таа слика не ти излегува од глава, но за среќа ние успеавме да победиме без проблем“, изјави Јанц.
Сега Словенија ја чекаат пресметки со селекциите на Египет и Хрватска во битката за четвртфиналето на СП.