По педесетина дена пауза, завршува летната пауза за македонските суперлигаши и денеска тимот на Вардар, најрано од сите, ќе ги стартува подготовките за новата. Вардарци ќе одработат дел од тренинзите во Скопје, ќе тренираат и во Маврово, па ќе следуваат настапите на турнирите во Струга и Охрид.
Шампионот Еурофарм Пелистер ќе стартува на 24 јули, а битолчани освен во Битола, ќе тренираат и на Златибор, пред настапите на турнирите во Струга и Добој. Истиот ден планиран е стартот на тренинзите и на Охрид и Струга.
Охриѓани ќе ги одработуваат подготовките на домашен терен, а последните тестови ќе ги имаат на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ од 20 до 24 август. Стружани без тренерот Наум Танески, кој ќе биде на подготовките со кадетската репрезентација за ЕП ќе ги почнат тренинзите, а ден подоцна, односно на 25 јули моторите треба да ги „запалат“ Бутел Скопје и „сино-белите“ од Автокоманда.
Тиквеш со новиот тренер Драган Марковиќ ќе ги почне тренинзите на 28 јули, додека новиот суперлигаш Бисинов е планирано да започне на 29 јули. По празниците, односно на 5 август, тимовите на Прилеп, Пролет и Куманово ќе им се вратат на тренинзите, додека старо-новиот суперлигаш Радовиш се уште нема датум за старт на подготовките за новата сезона.
Во повеќето конкуренции низ Европа, одамна веќе беа извршени ждрепките за редните броеви за новата сезона, познати се распоредите на натпревари, дел од нив веќе и со датуми и со саатници. Македонија претстојната сезона ќе има пет претставници во Европа, па сите посакуваат што поскоро да си ги направат своите календари со оглед на зголемениот број натпревари на домашна сцена (вкупно 32), но очигледно во македонската куќа на ракометот веројатно се уште трае сезоната на одмори…