„Судиите не ни дадоа да играме ракомет – ќе освоиме бронза“

Исландскиот репрезентативец Гисли Кристјансон не го криеше големото разочарување по поразот од Данска со 31:28 во полуфиналето на Европското првенство.

Тој потенцираше дека е незадоволен од голем дел од судиските одлуки за време на натпреварот против домаќинот.

„Мислев дека навистина имавме голема шанса за победа. Против репрезентација како Данска, сè мора да биде совршено, а не беше така. Промашивме четири седмерци, што е неверојатно многу против толку силна екипа, а тие секое наше промашување го казнуваат. Тоа е првото што ми паѓа на ум, но потоа има и многу судиски одлуки со кои тешко се помирувам“, изјави ѕвездата на Исланд и член на европскиот шампион Магдебург.

Кристјансон подетално објасни какви забелешки има за норвешкиот судиски пар Јорум и Клевен.

„Често едноставно не ни дозволуваа да играме ракомет. Се обидуваме да се пробиеме, а тие нè запираат. Не знам зошто. Тоа ни го одзема ритамот, кога постојано ја прекинуваат играта и не ни дозволуваат едноставно да играме. Можеби сега премногу се жалам на судиите, но ова се моите први реакции.“

Исланд во недела oд 15:15 часот ќе се соочи со Хрватска во натпреварот за третото место и бронзениот медал. И покрај разочарувањето од полуфиналето, Кристјансон остана оптимист.

„Ќе ја освоиме бронзата.“