Екипата на Струга забележа триумф над Еурофарм Пелистер 2 со 23-21 и сега е во чекор со екипите што бркаат место во плеј-офот. По 6. коло стружани имаат девет бода, и се на делба на третото место на табелата заедно со екипите на Охрид и на Аеродром. Веројатно меѓу тие три екипи ќе се бараат и двајцата патници во разигрувањето за титулата.
Голманот Дејан Рикановиќ со 13 одбрани беше меѓу најзаслужните за новите три бода на стружани против незгодниот ривал.
Тој смета дека Струга уште еднаш покажа дека има квалитетен тим.
„Во овие шест кола победивме на тие натпревари на кои очекувавме, а во недела не чека можеби и најважниот дуел во овој дел од првенството. Ако славиме против Аеродром, тогаш со една нога ќе бидеме во плеј-оф. Клучен фактор против Еурофарм Пелистер 2 беше желбата за победа, бевме мотивирани и верувавме дека ќе го добиеме мечот. Иако имавме квалитетен противник, очекувавме победа. Кога имавме водство од седум гола, можевме уште тогаш да го ‘затвориме’ мечот, но нападот тогаш малку ни застана, веројатно поради умор. Најважно е дека крајот беше позитивен за нас. Сите момци дадоа максимум од себе, одигравме одлична одбрана во текот на целиот меч и во тешките моменти покажавме дека сме квалитетен тим“, вели Рикановиќ.
Средниот бек Бобан Савески вели дека победата е заслужена.
„Запишавме важна победа против одличниот тим на Еурофарм Пелистер 2. Среќни сме со оваа победа. Доста време ја анализиравме нивната игра, бевме 100% фокусирани од почетокот до крајот на мечот и заслужено се радувавме. Клучот за триумфот беше нашата одбрана, машки одигравме, но и реализацијата во нападот. Благодарност и до нашата навивачка група ‘Паткари’, која имаше голем придонес во овој триумф. Ако и против Аеродром ја повториме играта од мечот со Еурофарм Пелистер 2, ќе се радуваме на нови три бода“, вели Савески.
Натпреварот меѓу Аеродром и Струга се игра в недела од 12:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.