Ракометарите на Тиквеш го совладаа српскиот претставник Раднички Крагуевац со 24-20 и ги освои првите бодови на Струшкиот турнир. Оваа победа значи дека кавадарчани сега се први на табелата со 3 бода, Бутел Скопје и Раднички имаа по еден, но Тиквеш и скопскиот тим ќе решаваат за патник во финалето. На кавадарчани ќе им биде доволно и реми, додека Бутел мора да слави ако сака да игра во битка за трофеј покрај езерото.
Иако кавадарчани имаат комплетно реновиран тим, сепак тоа не беше пречка за тренерот Грчевски, кој одлично ја распореди минутажата кај сите ракометари и на крајот Тиквеш заслужено славеше.
Српскиот тим поведе со 3-1 и ја одржуваше таквата разлика петнаесетина минути. Но капитенот Симиќ и засилувањето Стојановски успеаја да погодат за 7-7. Потоа следуваше одлична серија на голманот Печурица и кавадарчани ја преземаа контролата.
Со серија од три погодоци, од кои два на брзиот Коцев, Тиквеш стигна до највисоките плус два, 11-9 по дваесетина минути игра. Избраниците на Кристијан Грчевски ја задржаа предноста до паузата, 13-12.

Тиквеш – Раднички Крагуевац
Беше 16-14 на стартот на второто полувреме, но гостинскиот капитен Станојев на два пати казни грешки на кавадарчани за реми, 16-16. Тренерот Грчевски им даваше шанса на сите ракометари, па заиграа и Лазов, Мијушковиќ, Тиквеш се одлепи на плус три, 19-16.
Беше пропуштена прилика и за четири гола разлика, па тимот од Крагуевац успеа да се врати во егал. Тоа не ги обесхрабри кавадарчани, десниот бек Ахмед покажа дека ќе биде големо засилување и одново Тиквеш беше на плус четири 23-19.
Гостите ја изгубија течноста во нападот, спласна малку и ритамот, Грчевски ги внесе во игра Цветковски, Ангелов…и кавадарчани само рутински го довршија натпреварот за победа со 23-20.


























