Струга му откина бод на фаворитот, Тиквеш пропушти напад за победа!

Иако го имаше последниот напад за победнички гол, сепак екипата на Тиквеш не успеа да слави на гостувањето кај Струга и мораше да се задоволи со поделба на бодовите, 25-25.

Упорните домаќини диктираа темпо, во еден момент во вториот дел водеа и со три гола, потоа и губеа со три, па на крајот нерешено можеби е најреален резултат со оглед на случувањата на теренот.

Се играше гол за гол во најголем дел од првото полувреме, до 8-8, кога домашните со двата гола на Пајкоски и Џигероски за првпат поведоа со плус два, 10-8. Таквата предност ја имаа во три наврати, но на пауза се замина само со гол позитива, откако Манасков намали на 12-11.

Стружани во ист стил го започнаа и второто полувреме, водеа со 16-13, но искусните гости се вратија во игра и ја преземаа резултатската контрола со серија од пет гола.

Ниту тоа не беше доволно за мирен финиш, жилавите домаќини одново беа егал, 19-19. Тиквеш водеше со еден или два гола, а на три минути до крајот при водство на кавадарчани со 24-23, Остиќ му одбрани пенал на Андоновски.

Домашниот стратег повика тајм-аут, акцијата отиде до Стојков и тој погоди за реми, 24-24, кога остануваа да се играат 120 секунди. Беше и 25-25, но последниот напад беше за кавадарчани.

Имаше обид за гол со цепелин, но Остиќ го одбрани ударот на Обина и мечот заврши нерешено. Најдобри стрелци кај Струга беа Стојков со осум и Пајкоски со седум, додека кај Тиквеш осум пати погоди Манасков, а седум реализации имаше Анастасовски.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР22200240
2ВАРДАР 196122200240
3АЛКАЛОИД22200240
4ОХРИД22142630
5ТИКВЕШ 201422113825
6БУТЕЛ221201024
7ПРИЛЕП22731217
8ПРОЛЕТ22651117
9КУМАНОВО22501710
10БОРЕЦ Ф.Л.2224168
11СТРУГА2231187
12РАДОВИШ2222186