Струга по двегодишна пауза повторно ќе се натпреварува во плеј-оф фазата и ќе се бори за едно од местата кои што водат на европска сцена. Стружани во претходните две сезони по првиот дел од сезоната играа во плеј-аут фазата и се бореа да го сочуваат суперлигашкиот статус.
Ракометарите на Струга со победата над Аеродром од 34:23 во рамки од последното коло од регуларниот дел од Супер лигата обезбедија пласман во плеј-оф фазата и во пролетниот дел од сезоната ќе се натпреваруваат со најдобрите седум екипи во македонската елита.
На Струга во денешниот дуел со дебитантот потребен и беше само бод за да го осигура местото меѓу најдобрите осум, но избраниците на Наум Танески со победа го затворија првиот дел од сезоната.
По израмнетиот старт и при нерешени 3:3, домаќините влегоа во серија, постигнаа четири гола во низа, се одлепија на 7:3 и до крајот на полувремето беа во резултатска предност. Голема заслуга за направената разлика имаше и голманот Рикановиќ, кој во првото полувреме им одбрани и три седмерци на гостите.
Домаќините до првата половина од првиот дел водеа со два до четири гола разлика, додека во 18 минута дојдоа до „плус пет“ 12:7. Како одминуваше времето гостинскиот табор сѐ повеќе немаше идеја во нападот, цврстата одбрана на домашниот тим беше заштитен знак и голманот Рикановиќ не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа.
Струга започна постепено да се одлепува, бековите Младеновски и Бошњак постигнаа вкупно девет погодоци во првиот дел, додека крилата Јанкуловски и Костески вкупно шест, па така домашниот тим лесно стигна до 16:11 на пауза.
Одличната игра на Струга продолжи и во второто полувреме, во кое на стартот предноста беше зголемена на 20:13. Аеродром на моменти намалуваше на три до четири гола негатива, но немаше сили да ја загрози предноста на домаќините и да направи нешто повеќе. Избраниците на Танески откако се опуштија, во финишот повторно се вратија во ритам и удобното водство овозможи шанса во последните десет минути да добијат дел од помладите ракометари.
Најефикасен во победничката екипа беше Мерис Бошњак со осум погодоци, седум имаше Тодор Јанкуловски, шест реализации запиша Јовица Младеновски.
Кај Аеродром стандардно прв стрелец беше Наум Костов со шест погодоци, два помалку имаше Иван Митревски.