Струга го доби дербито на дното – Радовиш останува „фенерџија“

Стружани водеа само шестпати на дуелот во Радовиш, и на крајот победија со 26-24. Со овие два бода стружани сега се на 10 место на табелата, имаат 6 бода и го скокнаа Куманово кое остана на 5 бода. Радовиш е последен без бодови.

Домашните имаа водство речиси целиот дел од средбата, особено во второто полувреме, и се до 58 минута кога Стефан Атанасовски израмни на 24-24. Домашните загуба топка, а Наум Костов во контра донесе водство во 59 минута. Остануваа уште 60 секунди, а домашните имаа тајмаут, по што го промашија шутот.

Сега Струга побара минута одмор, а потоа Феруковски дада гол за радост и почеток на славјето. Во последните десет секунди двајца ракометари добија директни црвени картони, Феруковски и Костадинов, но се беше решено.

Со новите два бода, Струга прави голем исчекор дури и кон директно останување во лигата, бидејќи претпоследниот игра бараж,а последнопласираниот испаѓа. Но, остануваа уште неколку кола до крај на годинава, потоа продолжува лигата, па се играат уште десет кола за опстанок.

Кај домашните најпрецизен беше Здравко Постолов со 8 гола,а кај гостите седум даде Наум Костов.