Иако мораа да играат два дополнителни натпревари, младите ракометари на Струга успеаја да се избоат за место на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција. Струга денеска славеше со 20-17 на дуелот со Куманово, со што младите стружани се пласираа на завршниот турнир.
Струга останува град каде сериозно се работи со младинските селекции, а освен пионерите, на Ф4 турнирот играат и пионерките, кои закажаа финале.
Четири дена претходно, Струга мораше да игра уште еден квалификациски меч, против Еурофарм Пелистер, што го добија „паткари“ со 26-20. Така Струга стана четвртиот тим што се пласираше на Ф4 турнирот. Претходно директен пласман обезбедија екипите на Аеродром, Охрид и Алкалоид.
Сезонава пионерското првенство се играше во три групи, а директен пласман на Ф4 обезбедија само победниците од групите. Потоа Струга играше еден бараж дуел со Еурофарм Пелистер, како второпласирани екипи во своите групи. Куманово беше слободно и го чекаше победникот, бидејќи во групата на Куманово имаше еден тим повеќе во однос на другите две групи.
Аеродром е единствениот тим што успеа повторно да игра на Ф4 турнирот, а лани скопјани беа шампиони во пионерска конкуренција.
Финалниот турнир е закажан за 11 и 12 мај, а неделава ќе биде жедрепката за полуфиналните двојки, и ќе се одреди кој ќе биде домаќин.