Екипата на Охрид според сите е најсериозниот кандидат за освојување на 53. издание на најстариот ракометен турнир во Македонија и соседството, а „гладијаторите“ за новата сезона направија големи измени во тимот, меѓу другото донесоа и тренер кој има многу освоени титули во Србија. Борис Ројевиќ ќе го има „огненото крштевање“ на клупата на Охрид токму на соседското дерби, со Струга. На меч кој значи многу повеќе од еден обичен натпревар, каде ривалството е поважно од се.
И со тој меч ќе се отвори и турнирот. Охрид ги почна подготовките во својата сала, и формата ќе ја темпира и за почетокот на првенството, но и за настапот во европските купови. Тој првпат ќе биде дел од турнирот во Струга. Планот на Ројевиќ е сите да добијат шанса да играат.
„Нашите очекувања од Струга се сите играчи да добијат минутажа, да го воиграме тимот и, секако, да оствариме што повеќе победи заради самодовербата на екипата. За турнирот сум слушнал само пофални зборови, го имам гледано повеќепати преку линк, но никогаш не сум учествувал и се радувам на доаѓањето во Струга“, вели Ројевиќ кој доаѓа во Македонија со 20 освoени трофеи како тренер на Војводина.
Како дел од успесите што ги постигна со Војводина се и освојувањето на Купот на ЕХФ, па продолжи да го води тимот и во Лига Европа. Беше и селектор на Србија, но во незгоден момент и таму остана само шест месеци. Во Охрид најде нов мотив за докажување, глад за ракомет, кој треба да донесе и позитивен ватар во клубот.
Освен соседското дерби, во Група А на турнирот е уште и екипата на Бурса од Турција. Иако сите ги гледаат како фаворити, охриѓани сепак ги респектираат и другите ривали.
„Струга е домаќин на турнирот и секогаш постои големо ривалство помеѓу нашите две екипи. Тука е и Бурса, која годинава состави веројатно најдобар тим со цел да му се спротивстави на Бешикташ во турското првенство. Навистина се тоа две квалитетни и коректни екипи, и за нас идеални ривали за почетокот на подготовителните натпревари“, смета Ројевиќ.
Иако има многу интернацоналци, искусни ракометари, докажани спортисти, сепак на секој меч ќе игра тимот во комбиниран состав. Сите ќе добијат шанса.
„За жал, на секој натпревар нема да настапуваме во најсилниот состав. Причината е големиот број натпревари во рок од десет дена, па морам малку да го зачувам својот тим. За амбициите најмногу ќе можам да зборувам кога ќе поминат овие два турнири и кога ќе видиме каде всушност сме ние самите“, вели Ројевиќ.
ОХРИД – сезона 2025/2026
Дојдоа: Николаос Лиапис (Олимпијакос), Предраг Вејин (Олимпијакос), Анте Иванковиќ (Штутгарт), Тилен Стрмљан (Хановер), Давид Савревски (Алкалоид), Бојан Блажески (Бутел Скопје), Дарко Ѓукиќ (Динамо Букурешт), Ориол Реј Моралес (Гранољерс), Стефан Петриќ (Вардар), Никола Шипинкоски (Прилеп)
Заминаа: Наум Костов (Струга), Бобан Ристевски ?, Никола Јукиќ (Ал Мудар), Хироки Мацуока ?, Рудолф Шафранко (Холабрун), Живан Пешиќ ?, Крсте Андоновски (крај на кариера), Милорад Кукоски ?, Горан Крстевски ?, Чиао Винисус (Хапоел Холон)
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“ – ОХРИД
13 август: Струга – Охрид
14 август: Охрид – Бурса
16 август: меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…