Како најдолговечен ракометен турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.
Кога Струга немала многу силен тим со кој можела да биде конкурентна за турнирот кој годинава слави 53 години од постоењето и одржувањето, гледачи на трибините најчесто навивале за тимовите во кои имале свои сограѓани.
Еден од оние играчи кои се производ на „струшката ракометна школа“ е Гоце Ојлески кој настапувал за разни клубови и така гостувал во Струга, а од трибините навивале за него и тимот за кој тој играл.
Но, овојпат тој во родниот град доаѓа како член на екипа која е само 15 км. од местото каде ги почна ракометните чекори. Ојлески како член на Охрид ќе го предводи тимот кој е најсериозен кандидат да триумфира. Иако растојанието е блиско, ривалството меѓу градовите и екипите е големо.
„Струшкиот турнир за нас ќе биде прв тест со многу нови играчи и нов тренер, и натпреварите ќе служат за сите да добиваат минутажа и полека да се влегува во натпреварувачки ритам и виигрување на екипата, вели Ојлески кој во Струга претходно има настапувано и со екипите на Вардар, Металург и на Еурофарм Пелистер.
Иако има 35 години игра како во своите најдобри денови, и сезонава ја доби довербата да биде капитен на тимот. Доби повик и во сениорската репрезентација на Македонија, што покажува дека нема млади и стари, туку добри и лоши играчи. А Ојлески секако спаѓа во оние „колку е поискусен – толку е подобар и поконстантен“
За гледачите ќе биде интересно што токму Струга и Охрид го отвораат турнирот. „Гостите“ сезонава се засилија сериозно и атакуваат на „земање скалпови“ на фаворитите. Колку ќе успеат во тоа треба да покаже токму овој турнир. Неколку сезони се вложува во првиот тим, и сигурно е дојдено време да има и резултати.
За разлика од сите други кои сметаат дека Охрид е фаворит, Ојлески посочува дека нивен најголем ривал во групата ќе биде Бурса од Турција. Меѓу тие две екипи ќе се бара и патникот во финалето.
„Групата е интересна, како што кажав, ќе има езерски двобој и еден меѓународен со екипата на Бурса, очекувам интересни натпревари, смета Ојлески. Струшкиот турнир е еден од најстарите со голема традиција и многу значаен за македонскиот ракомет, сум учествувал неколку пати и драго ми е што оваа година љубителите ќе гледаат езерски двобој помеѓу Струга и Охрид“, заврши Ојлески.
ОХРИД – сезона 2025/2026
Дојдоа: Николаос Лиапис (Олимпијакос), Предраг Вејин (Олимпијакос), Анте Иванковиќ (Штутгарт), Тилен Стрмљан (Хановер), Давид Савревски (Алкалоид), Бојан Блажески (Бутел Скопје), Дарко Ѓукиќ (Динамо Букурешт), Ориол Реј Моралес (Гранољерс), Стефан Петриќ (Вардар), Никола Шипинкоски (Прилеп)
Заминаа: Наум Костов (Струга), Бобан Ристевски ?, Никола Јукиќ (Ал Мудар), Хироки Мацуока ?, Рудолф Шафранко (Холабрун), Живан Пешиќ ?, Крсте Андоновски (крај на кариера), Милорад Кукоски ?, Горан Крстевски ?, Чиао Винисус (Хапоел Холон)
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“ – ОХРИД
13 август: Струга – Охрид
14 август: Охрид – Бурса
16 август: меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…