СТРУГА 2025: Охрид преку жилавиот Бутел до прв трофеј

Тимот на Охрид им се приклучи на Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, ВВ Тиквеш и ТК Бренд на листата на освојувачи на трофеј на Струшкиот турнир. „Гладијаторите“ станаа шестата македонска екипа со триумф покрај езерото, откако во финалето го победија Бутел Скопје со 30-24.

Жилавиот Бутел Скопје парираше одлично особено во првиот дел, ги намачи охриѓани и ги натера добро да ги испотат дресовите за да стигнат до победата на натпреварот што поради лошото време наместо на отворено на „Горан Попоски Бабец“ се одигра во салата „Тими“.

Првиот дел мина во машка и жестока борба, која изобилуваше со многу исклучувања и пенали на двете страни. Одлични на головите беа Трајкоски кај Бутел и Блажески кај Охрид, а бутелци долго време одржуваа рамнотежа и егал со поискусниот ривал.

Беше нерешено до 10-10, но потоа момците на Горан Кузманоски имаа мал пад во играта, па едно исклучување и охриѓани ја искористија приликата да се одлепат на плус три, 13-10, а на пауза беше 14-11.

Како што заврши првиот дел, така започна и вториот. Бутелци беа упорни и не дозволуваа Охрид да се одлепи, намалија на минус еден, добија прилика и за реми, но не успеаја во тоа.

Потоа исклучени беа Гришикашвили, па Тодески, а Охрид го искористи тоа да казни и во 45. минута за првпат се одлепи на плус четири, 19-15. Во меѓувреме се разигра и Иванковиќ, Блажески фати неколку удари и веќе стануваше јасно која екипа ќе слави.

Беше 25-18, Бутел за момент успеа да намали на пет гола негатива, кога остануваа за играње уште пет минути. Сепак Охрид е преискусен тим за да си дозволи нешто неочекувано во финишот и рутински ја задржа предноста.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дарко Ѓукиќ со девет гола, шест даде Анте Иванковиќ, а Бојан Блажески се истакна со 11 интервенции. Исто толку имаше и Благојче Трајкоски во редовите на Бутел, а Давид Јаневски стрелаше седум пати.